Работнички тргнува во „шопинг“, и тоа во Аеродром

Работнички најави вртење на нов лист и насочување кон помлади кошаркари, нешто што „центарци“ и во минатото го правеа, редовно кога немаа богат буџет, па како алиби го користеа подмладувањето во играчкиот кадар. Овојпат тимот дефинитивно ќе трпи коренити промени, целосно е сменет и стручниот штаб (Симиќ како прв тренер, а Тасовски негов асистент), a новиот директор Ѓорѓи Чековски се наоѓа во незавидна положба, да состави солиден тим иако на располагање ќе има неколкукратно помал буџет од неговиот претходник.

Прва „станица“ на Чековски е Аеродром, откако „центарци“ решија да се обидат да донесат најмалку еден кошаркар од шампионскиот тим на МЗТ Скопје. На врвот на листата со желби се наоѓа македонскиот репрезентативец Андреј Магдевски, но останува дилемата дали „центарци“ со намален буџет ќе успеат да го убедат Магдевски на трансфер во Работнички, во ситуација кога МВП-кошаркарот од финалето на плејофот со право бара поголема плата од она што го земаше до лани во МЗТ Скопје.

Филип Бакоч е уште еден член на „металците“ кој е меѓу желбите на Работнички. Поранешниот младински репрезентативец воопшто не доби шанса во дресот на МЗТ и веќе е подготвен за нов предизвик во кариерата.

На листата на посакувани играчи на Работнички се наоѓа и поранешниот кошаркар на МЗТ, Андреј Маслинко. Овој талентиран играч ја пропушти целата ланска сезона поради повреда, во меѓувреме го раскина договорот со „сино-белите“, а за неговите услуги се интересираат неколку прволигаши од домашната сцена.

Тони Симиќ е селектор на младинската репрезентација на Македонија, па новиот тренер на „центарци“ ќе се обиде да ангажира и некој од поталентираните кошаркари во оваа генерација, со што би била созададена база од домашни играчи, што е неопходна во ситуација кога си заминаа Младеновиќ, Ефремовски, а на пат истото да го стори е и центарот Младеновски. На излезна врата се наоѓаат и капитенот Кире Николовски, како и Караџовски, но и сите скапи странци кои беа донесени од претходната управа, па јасно е дека Работнички ќе мора да направи целосен ремонт, а сепак да состави респектабилен состав дури и доколку не атакува на трофеи, нешто што во моментов делува како невозможна мисија.

Се вчитува...