Работнички триумфално во Аеродром против МЗТ 2

Работнички со победа од 78-85 над МЗТ Скопје ја отвори новата сезона. Откако го наметнаа своето темпо во втората четвртина, избраните на Тони Симиќ во продолжението од натпреварот ја имаа контролата на резултатот, одолеаја на налетите на ‘штркчињата’ и стигнаа до важна победа.

Натпреварот започна во изедначено темпо во кое ниеден тим не успеа да направи значителна разлика па по 10. минути игра на семафорот стоеше резултат 23-23. Сепак дo крајот на првото полувреме Работнички успеа да влезе во ритам со серијата од 6-0 на Џексон и Мустафица, а стекната предност ‘црвено-белите’ ја задржаа и по истекот на вторите десет минути (38-45).

МЗТ Скопје 2 ги консолидираше своите редови на отварањето на второто полувреме и во еден момент стигна до изедначување (59-59), но финишот на третата четвртина им припадна на избраниците на Симиќ кои со серија од 4-0 ја задржаа предноста по три четвртини игра (59-63). Добриот ритам на Работнички продолжи и на отварањето на одлучувачките десет минути по кои ‘црвено-белите’ стигнаа до предност од осум поени предност (68-76). Аеродромци до крајот успеаја да стигнат до негатива од само еден поен (75-76), но не и да го превземат водството.

Рансон беше предводник на МЗТ Скопје 2 со 21 поен, 6 асистенции и 5 скока, Лука Петровски додаде 18 поени и 7 скока, а како двоцифрени со 12, односно 11 поени натпреварот го завршија Митевски и Исајловски. Емерсон Џексон го предводеше Работнички со 21 поен и 7 скока, Горјан Марковски додаде 15 поени и 9 скока, Мацура еден скок го делеше од дабл-дабл учинок дополнет со 14 поени, а Даниловски мечот го заврши со 12 поени.

Се вчитува...