Работнички во Европа, Шкендија со титула и 101 гол, Победа во бараж, „чао“ за Скопје и за Пелистер

Работнички го освои третото место со триумф над Скопје (3-2) и ќе игра во квалификациите за Лигата на Европа, Шкендија надмина сто гола во шампионатот, а ако го освои и Купот в среда, тогаш и Шкупи ќе игра во Европа како четвртопласиран тим на табелата. Шкупи го декласира ‘младинскиот’ Вардар со 4-1 на Чаир, а Шкендија со 4-0 славеше против Пелистер при прослава на титулата.

Победа со 1-0 ја совлада Ренова и ќе игра во бараж, а од Првата лига испаѓаат Скопје и Пелистер. Силекс го совлада тимот на Академија Пандев на гости со 1-2, но кратовци ќе останат без европски натпревари ова лето, откако завршија на петтата позиција на табелата.

Шкендија со 4-0 го совлада Пелистер. Ибраими во седмата минута не реализира пенал, но Адили погоди за 1-0 во самиот финиш на првиот дел. Во второто полувреме, Жуниор стрелаше во 47.минута, а потоа два гола постигна и Хасани, а Шкендија стигна до 101 гол во шампионатот.

Шкупи немаше проблеми на Чаир против подмладениот Вардар и победи со 4-1. Јашароски го отволри резултатот, но младиот Али Адем израмни. Сепак, Илијоски и Јашароски до крајот на првиот дел „набилдаа“ 3-1 за Шкупи, а во второто полувреме стрелаше и Буњамин Шабани во 77.минута.

Возбудливо беше на мечот меѓу Работнички и Скопје, а на крајот „романтичарите“ славеа со 3-2 и го освоија третото место кое води во Лигата на Европа. Демир постигна еврогол во 39.минута за водство на „пиратите“, но Петар Петковски израмни пред одморот.

Досех Кофи искористи грешка на домашната одбрана за 1-2, но Христијан Кировски со два гола беше творец на важниот триумф за Работнички, за нов пласман во Европа.

Победа со 1-0 ја совлада Ренова и ќе игра бараж за опстанок во Првата лига, со победникот од дуелот меѓу Борец и Гостивар. Зоран Даноски во 45.минута беше стрелец на победничкиот гол за прилепскиот прволигаш, со удар од 16 метри.

Силекс оствари пирова победа (1-2) на гости против Академија Пандев. Бујчевски и Благојевиќ беа стрелци за кратовци, а Александар Мишов погоди за „пандевци“ кон крајот на мечот.

 

ПРВА ЛИГА, 36.КОЛО

ШКЕНДИЈА – ПЕЛИСТЕР 4-0

ШКУПИ – ВАРДАР 4-1

РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ 3-2

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СИЛЕКС 1-2

ПОБЕДА – РЕНОВА 1-0

Конечна табела: Шкендија 91, Вардар 56, Работнички 52, Шкупи 51, Силекс 50, Академија Пандев 42, Ренова 41, Победа 38, Скопје 35, Пелистер 34.

Се вчитува...