Работнички заврши како што почна, со фијаско на Златибор

По двете победи во низа, Работнички доживеа нов дебакл во „балонот“ на АБА2, овој пат од Младост во натпревар во кој српскиот состав доминираше во рекетот, каде постигна 56 поени. Тимот од Земун го доби и скокот (41-32), го натера македонскиот претставник на тешки шутеви од неизградени позиции па и покрај тоа што во поголемиот дел од натпреварот настапи со шест играчи, заслужено славеше со 89-73.

Работнички добро го започна натпреварот, преку шутот за три поени дојде до предност од 1-8 уште во воведните минути, меѓутоа во одбраната не најде решение под рекетот во кој доминираше Младост и постигна 20 од своите 24 поени во првата четвртина за +5 по 10 минути игра (24-19). Налетот на тимот од Земун продолжи и во вторите десет минути. Работнички не можеше да најде пристап до кошот на противникот, избраниците на Мираковски потфрлија и во шутот од далечина, а Младост беше немолосрден. Србите доминираа во скокот и во играта под обрачот па на полувреме заминаа со предност од 49-28.

Отварањето на второто полувреме беше пресликано од првото. Работнички врза три тројки уште на стартот, Младост по почетниот грч заигра поквалитетно па набргу српскиот состав „избега“ на +27 (68-41). Работнички застана во зона која го поремети нападот на тимот од Земун па со користење на грешките на противникот и преку расположениот Питс, Работнички направи серија од 13-2 со што се врати на негатива од 70-54 по 30 минути игра. Моментумот на Работнички продолжи и во последната четвртина кога „црвено-белите“ стигнаа и до „минус“ 12, меѓутоа два пати со „два плус еден“ и една тројка, Младост го врати големото водство и не дозволи враќање на нашиот најтрофеен клуб. До крајот на натпреварот, Работнички успеја само да ја намали големата предност и ублажи поразот.

Прв стрелец во „црвено-белиот“ состав беше Дамиер Питс со 25 поени и 8 асистенции, додека Девон Вашингтон додаде 16 поени и 9 скока.

Се вчитува...