Работник посакува одмазда против Савехоф

Ракометарите на Работник денеска во 17 часот го играат претпоследниот домашен натпревар во Лигата на шампионите, овојпат против екипата на Савехоф. Шведскиот првак е должник на битолските „фармацевти“ бидејќи на првиот натпревар во трилер завршница успеа да слави со 25-24, но ситуацијата оттогаш се промени за македонскиот вицешампион.

Имено, Работник влезе во серија на слаби игри, претрпе неколку убедливи порази, губејќи ги сите шанси за пласман во следната рунда. Згора на тоа, Алушовски поради тешка повреда до крајот на сезонава го загуби десниот бек Стјепановиќ, што остави дополнителна трага врз изданијата на Работник и во ЛШ и во СЕХА-лигата.

Без оглед на проблемите, од битолскиот клуб сепак најавуваат дека ќе сторат се што можат за да ги израдуваат своите навивачи на денешниот натпревар.

„Сметам дека Савехоф доаѓа со блага фаворитска улога. Причината не е што се поквалителни, туку тоа што ние сме преполни со повредени ракометари и тоа веќе подолг период. Имаме многу рековалесценти, незаздравени ракометари, како на натпреварите, така и на тренинзите. Се забележува дефицитот во одбраната, немаме ротација и на тоа се должат убедливите 2-3 порази минатиот месец. Нема да се предадеме, ќе излеземе да се бориме за секоја топка, да дадеме свој максимум и конечно пак да ја израдуваме битолската публика“, изјави голманот Никола Митревски во пресрет на денешниот дуел.

Се вчитува...