Работник потпиша хрватски бек за настапот во ЛШ

Македонскиот вицепрвак Работник продолжува со засилувањата за новата сезона, во која битолскиот клуб ќе дебитира и во Лигата на шампионите. Ново име на „фармацевтите“ од Битола е хрватскиот репрезентативец Ловро Јотиќ, кој доаѓа од редовите на Загреб.

Овој 24-годишен ракометар добро се снаоѓа како среден и како лев бек, па ќе биде добра опција за тренерот Алушовски за замена на Филип Кузмановски, но и за Остроушко, кој кариерата ја продолжи во Романија. Јотиќ е трето интернационално засилување за тренерот Алушовски по Словенецот Ратајац, кој дојде од шампионатот на Австрија и Марин Вегар, кој пристигна од Романија.

Јотиќ вчера ги мина лекарските прегледи и официјално стави потпис на договорот до крајот на следната сезона. Хрватот ќе му се стави на располагање на шефот на стручниот штаб од 21 јули кога официјално ќе започнат подготовките.

Се вчитува...