Работник со петти пораз во ЛШ – неуспех и во Словачка

Работник претрпе уште еден, вкупно петти пораз во групната фаза од Лигата на шампионите откако денеска загуби со 31-29 на гостувањето против Татран Прешов. Идентично како и на првиот меч со истиот противник, повторно се водеше израмнета битка, Работник имаше свои шанси да дојде до победата, но домаќините се одлепија пред самата завршница и на крајот заслужено стигнаа до победата. За Работник ова е прв пораз со два гола разлика, откако претходните неуспеси беа минимални, со само еден постигнат гол помалку од противниците.

Македонскиот вицепрвак лошо влезе во натпреварот, па Татран Прешов набрзина поведе со 4-1, потоа и 5-2. „Фармацевтите“ сепак успеаја да ја консолидираат играта, добија на сигурност, па најпрвин израмнија на 6-6, а нешто подоцна и дојдоа до првото водство на натпреварот (7-8). Работник имаше и најубедливи „плус три“ (9-12), но потоа имаше две исклучувања во серија, по што домаќините се вратија во ритам. Идентично како и на првиот меч во Битола, Голужа на половина од првото полувреме го внесе во игра Цвитковиќ, а хрватскиот голман со неколку одлични интервенции донесе пресврт на својот тим.

Алушовски пред крајот на полувремето го внесе Чаневски на голот, што со две интервенции во последната минута придонесе на одмор да се замине со само еден гол разлика (15-14). Словаците поведоа со 22-19 во вториот дел, но Работник благодарение на Остроушко успеа да израмни. Чаневски блескаше на голот во овој период, но по двете грешки на Остроушко (еден блокиран шут и едно лошо додавање) Татран набрзина поведе со 25-23. Цвитковиќ повторно блесна со неколку одбрани во серија, а низата на противникот ја прекина Ојлески од седмерец, со гол за 26-24.

Во последните две минути се влезе со резултат 30-28, Ојлески одлично изнуди грешка од Лапајне, битолчани намалија на 30-29, но Татран го реализираше клучниот напад преку пивот и ја осигура победата, изразена со конечни 31-29.

Остроушко постигна седум гола, но имаше и исто толку промашувања, Јотиќ со пет гола беше втор стрелец на Работник, додека Ѓукиќ го заврши мечот со четири погодоци.

Работник е последен во групата со скор од една победа и пет порази, а македонскиот тим во следното коло го очекува тешко гостување во Португалија против Спортинг.

Се вчитува...