Радески: Целта ни е само победа од дуелот со Работнички

Работнички и Шкендија денеска од 16 часот на „Телеком арената“ во Скопје го играат дербито од 25. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Шкендија отворено сака продолжување на победничкиот ритам во трката за шампионската титула, додека „романтичарите“ сигурно посакуваат „рехабилитација“ по претходниот пораз од Вардар.

Македонскиот репрезентативец од редовите на Шкендија, Марјан Радески верува дека ќе биде квалитетен натпревар во Скопје, во кој, сепак, тетовци ќе ја оправдаат улогата на фаворити…

„Атмосферата е на највисоко ниво, навистина работиме одлично што ни дава мотив за нов успех во шампионатот. Знаеме со каков противник играме, Работнички е одлична екипа која игра отворен фудбал па искрено мислам дека ќе има добар фудбал на стадионот во Скопје. Ние како и на секој натпревар одиме на три бода, фаворити сме и мислам дека ќе ја оправдама таа улога. Целта ни е само победа“ – вели Радески.

Од друга страна, избраниците на Виктор Треневски ќе треба да не ги повторат грешките од претходниот дуел со Вардар доколку сакаат позитивен резултат против Шкендија.

„Првенството влегува во забрзан ритам, и нема многу време за анализи и размислување за претходните мечеви. Сепак, знаеме дека потфрливме во реализацијата и ќе треба да бидеме многу поконцентрирани на утрешниот меч против Шкендија. Вардар успеа да ги искористи своите шанси и затоа ги освои бодовите на неделното дерби, а ние ќе треба да се подобриме веќе на утрешниот натпревар со Шкендија. Очекувам интересен и неизвесен натпревар, со надеж дека на крајот ние ќе се радуваме“ вели капитенот на Работнички, Душко Трајчевски.

ДВОЈКИ – 25. КОЛО (денеска, 16 часот)

СКОПЈЕ: Работнички – Шкендија

ТЕТОВО: Ренова – Вардар

ОХРИД: Пелистер – Силекс

ШТИП: Брегалница – Шкупи

СКОПЈЕ: Македонија ЃП – Победа

Се вчитува...