Радосна вест за фановите на тенисот, УС Опен ќе се игра пред полни трибини

Организаторите на УС Опен, последниот Грен слам во сезоната, најавија дека ќе ги пуштат сите билети за продажба на турнирот во Њујорк. Ќе биде првпат, по Австралија опен во 2020 година, трибините на еден од четирите најголеми турнири да бидат полни.

Од Вимблдон најавија полн капацитет само за финале, додека сите што сакаат можат да уживаат во тенисот во „Големото јаболко“ во текот на сите 15 дена од турнирот. На неодамна завршениот Ролан Гарос во текот на првата недела беше дозволено присуство на пет илјади луѓе во текот на првата, а 13 илјади во текот на втората недела на турнирот.

Во 2019 година, Флешинг Медоус постави рекорд по бројот на луѓе што го посетија овој тениски турнир. За две недели беа продадени повеќе од 700.000 билети. Станува збор за најголемиот тениски стадион во светот лоциран во Медоус, Њујорк, кој има капацитет од 23771 седишта. Стадионот го носи името на тенисерот Артур Еш, победник на првото професионално издание на УС Опен во 1968.

Инаку, оваа одлука е само последниот чекор за враќање на животот во нормала во Њујорк. Гувернерот Ендру Куомо рече дека повеќето ограничувања ќе бидат намалени затоа што 70 проценти од населението примило барем една доза од вакцината.

Се вчитува...