Радост на Уругвај – Хименез ги „поправи“ промашувањата на Суарез

Уругвај по голема битка успеа да стигне до цел плен на дуелот со Египет, триумфирајќи со 1-0 благодарение на голот на Хименез постигнат во 90. минута од мечот одигран во Екатеринбург. Во поголемиот дел овој натпревар делуваше многу здодевно, но Уругвајците притиснаа во последните десетина минути, Кавани го погоди и дирекот пред Хименез да го постигне победничкиот погодок. Мохамед Салах и покрај најавите дека ќе игра сепак не се појави на теренот, од клупата за резервни немоќно следејќи го победничкиот погодок на противникот.

Во главна улога во поголемиот дел од мечот беше Луис Суарез, но не поради голгетерските способности, туку за промашувања што асот на Барселона ги имаше на стадионот во Екатеринбург. Уругваецот најпрвин се посрамоти промашувајќи зицер од пет метри на средината од првото полувреме, потоа беше непрецизен на стартот од вториот дел, за нешто подоцна да излезе очи в очи со египетскиот голман, но се обиде да дрибла наместо да шутира и не беше успешен.

Единсон Кавани беше многу порасположен од својот репрезентативен колега, но среќата му го сврте грбот на голгетерот на ПСЖ. Во последните десет минути тој имаше два извонредни обиди, при првиот голманот извонредно интервенираше, за потоа Кавани од слободен удар во 88. минута да го затресе само дирекот од египетскиот гол.

Иницијативата во крајот сепак вроди со плод во 90. минута, по еден скратен корнер највисоко скокна Хименез, кој со силен удар го матираше Елшенави, носејќи огромна радост во уругвајскиот табор.

Уругвај во второто коло ќе се сретне со Саудиска Арабија, додека Египет нема да смее да си дозволи „кикс“ во пресметката со домаќинот Русија.

Се вчитува...