Радост за Манасков, разочарување за Лазаров

Веспрем ја продолжи серијата импресивни игри во Лигата на Шампионите со нов убедлив триумф, од 39-24 на дуелот против Целје. Манасков и соиграчите уште во првото полувреме го решија прашањето на победникот, поведувајќи со 18-11, за во вториот дел да стигнат до двоцифрена предност и конечен триумф од „плус петнаесет“. Македонскиот крилен ракометар постигна три гола од четири обиди, а најефикасни во таборот на Веспрем беа Нилсон со шест и Борозан со пет погодоци.

Ракометарите на Нант разочараа на гостувањето против Алборг, губејќи од шампионот на Данска 32-24. Францускиот тим одигра катастрофално прво полувреме во кое постигна само девет погодоци (16-9), не успевајќи да се врати во мечот во текот на вторите 30 минути. Кире Лазаров го заврши овој натпревар со само два постигнати гола, од вкупно пет обиди.

Киелце рутински триумфираше на мечот со Мешков Брест со 34-27. Дури дванаесет различни ракометари на полскиот првак се запишаа меѓу стрелците на оваа средба (петмина постигнаа по четири гола), додека прв стрелец на Мешков Брест при вечерашниот пораз беше Шумак со шест погодоци.

Се вчитува...