Радуловиќ: Еден детал донесе пресврт со Куманово, МЗТ може да слави најмалку еднаш во Битола

МЗТ Скопје се наоѓаше на работ на амбисот, но успеа да се врати од „минус десет“ во самиот финиш, да го победи Куманово и да ја продолжи одбраната на титулата во македонскиот шампионат. „Металците“ се соочија со огромни проблеми, поради инцидентот во првото полувреме исклучени беа Мекиќ и Николов, а во последната четвртина петтата лична грешка ја заработи и Андреј Магдевски.

Во ситуацијата кога од првата четвртина МЗТ беше и без повредениот Карачиќ, оние кошаркари кои останаа во ростерот одговорија на предизвикот и предводени од фантастичниот Олуџоби донесоа огромен пресврт.

„Тоа беше еден навистина шокантен меч, пресреќни сме што успеавме да триумфираме и да се пласираме во полуфиналето. Тактички можам да кажам дека еден детал донесе пресврт, тргнавме во зона 1-3-1. Ова беше принудна одлука, останавме без бројни играчи, во еден момент и Дамјан се пожали на грч во ногата. Во една таква ситуација се најдовме на терен со четири високи играчи и моравме да тргнеме во зона, што на крајот ни донесе резултат. Секако, Олуџоби постигна значајни поени, но овој триумф е тимска заслуга на целокупниот колектив, за напорната работа“, изјави тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ.

Следен предизвик за „сино-белите“ од Аеродром е полуфиналната серија со Пелистер, тим кој ќе ја има предноста на домашниот терен па МЗТ ќе мора најмалку еднаш да ја освои Битола ако сака да се пласира во големото финале.

„За нас има една цел – борба за титулата, а за да стигнеме до шампионскиот трофеј секако ќе мораме да ги победиме сите ривали. Го почитуваме Пелистер, но верувам дека можеме да триумфираме најмалку еднаш во Битола. Тоа нема да е нималку лесно, на првиот меч речиси сигурно ќе ни недостига и повредениот Карачиќ, но јас имам апсолутна доверба во мојата екипа и очекувам да играме се подобро како ќе се приближува крајот на сезоната. Пелистер ќе биде и со нов тренер, кој ќе нема многу време да остави свој печат врз тактиката, играчите добро ги познаваме и ќе се подготвиме за оваа полуфинална серија“, истакнува Радуловиќ.

Се вчитува...