Радуловиќ: Имаме искусни играчи, не можат да пренесат топка со едно едноставно додавање…

Тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ, ги потенцираше загубените топки како главен фактор за поразот од Сутјеска со кој беше прекината добрата серија на „металците“ во АБА2 лигата.

Сите девет играчи кои настапија денеска имаа по минимум една ваква грешка (најмногу Милошевиќ со четири), МЗТ го заврши мечот со 21 загубена топка, од кои три во серија во неможност да се мине половината од теренот во завршните три минути, период во кој „металците“ прокоцкаа плус шест.

„Самите ја загубивме оваа средба. Имавме шест разлика, три загубени топки во пренос на топка. Не знам што да кажам, имаме искусни играчи, да не можат да решат вакви ситуации со едно едноставно додавање. Бевме подобри во скок-играта, доминиравме под кошевите, но на еден вака тврд меч да имате 22 загубени топки, тоа е она што пресуди да го загубиме натпреварот. Мораме да се вратиме и да мислиме на наредниот натпревар против Подгорица“, изјави Радуловиќ.

Се вчитува...