Радуловиќ: Мислам дека недела ќе биде нашиот ден за крај на оваа серија

МЗТ Скопје е на прагот да ја завери децениската доминација во македонската кошарка со осма титула откако избраниците на Дарко Радуловиќ успеаја да направат „брејк“ во Кавадарци и да поведат со 2-0 во финалната серија против Еуро Никел.

Аеродромци повторно не успеаја да ја стабилизираат одбраната на почетокот на натпреварот, во првата четвртина примија 30 поени, но успеаја да го наметнат своето темпо во продолжението од мечот и веќе до полувремето да стигнат до предност. До крајот следеше неизвесен натпревар, кој повторно беше решен во самата завршница.

„Заморот си има улога во тоа. Собрана е емотивна исцрпенсот од сите натпревари кои ги изигравме во овој период па можеби и потребно ни е малку време да се кренеме, меѓутоа кога ќе ја активираме машинеријата со трчање мислам дека сме незадржливи. Во секој случај квалитетен напаѓачки натпревар на двете страни, не успеавме квалитетно да одговориме на нивната „пик енд поп“ и „пик енд рол“ игра, од друга страна пак скокот и транзицијата ни беа на ниво. Мислам дека се чекаше момент кога ќе ставиме во „пета брзина“ и кога нема да можат да не испратат. Еуро Никел повторно имаше висок процент на шут за три поени, секоја чест за самодовербата која ја има овој тим. Ние повторно не бевме на високо ниво во овој сегмент, но се надевам и чувствувам дека во недела ќе бидеме на нашето ниво и ќе шутираме квалитетно за да ставиме крај на серијата“, изјави за ЕКИПА, Дарко Радуловиќ.

Се вчитува...