Радуловиќ: Момците покажаа храброст

МЗТ Скопје повторно ќе има шанса да се пласира во првиот ранг од АБА лигата откако по денешната победа над Горица, аеродромци го осигураа своето место во плејофот на регионалното првенство. Избраниците на Радуловиќ одиграа блескава прва четвртина во која постигнаа 29 поени со одличен шут зад линијата 6,75, но краткиот ростер го оневозможи составот од Аеродром да продолжи со ритамот до крајот на средбата.

Тоа го искористи Горица која ги користеше слабостите на „сино-белите“, во еден момент го превзема и водсвтото, но на крајот стабилната игра во последните моменти од средбата беа доволни за аеродромци да стигнат до седмата победа во АБА2 лигата.

Задоволството од остварената победа по натпреварот не го криеше ни тренерот Дарко Радуловиќ кој имаше пофални зборови за противникот и односот на својот состав на паркетот.

„Ова беше натпревар помеѓу два тима кои играат брза кошарка. Честитки за Горица имаат одличен тим и играат добра кошарка. Нашата идеја беше да ја сопреме нивната брза игра и шутот од дистанца, мислам дека во голем дел од мечот успеавме во тоа. Честитки за моите момци, покажаа храброст. Со една ваква ротација навистина е тешко да се издржи притисокот на теренот“ – изјави по натпреварот Радуловиќ.

И покрај тоа што „сино-белите“ го осигураа своето место во следниот дел од натпреварување, последниот натпревар против домаќинот Златибор, кој е закажан за недела со почеток од 13 часот ќе биде од големо значење за македонскиот претставник со цел изборување на што подобро место на табелата во пресрет на плејофот.

 

 

Се вчитува...