Радуловиќ: Мотивираноста и желбата ќе го одлучат финалето

МЗТ Скопје и Еуро Никел денеска од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ ја започнуваат битката за титула на домашната сцена. Двата тима настапија како гости во полуфинлите серии против Пелистер, односно Работнички, но „сино-белите“ состави покажаа голема борба и голема мотивираност, совладувајќи ги противниците со 2-0.

Добра вест за составот од Аеродром е враќањето на Иван Карачиќ кој беше еден од клучните играчи во добраната во изминатиот период, одлично заштитувајќи го рекетот, нешто што ќе биде и повеќе од потребно против високиот Рикиќ во оваа серија.

И по завршување на серијата против Пелистер тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ изјави дека Еуро Никел ќе биде исклучително тешок противник, но „штрковите“ имаа доволно време да се подготват за кавадарчани, а младиот стратег предноста ја гледа во одбраната на својот тим.

„Се подготвуваме за овој натпревар некое време, добро е што сите играчи ни се на располагање. Се враќа Карачиќ кој осеќа мала нелагодност па ќе видиме колку ќе игра на средбите. Добро го скаутиравме Еуро Никел и со она што они располагаат. Играме на домашен терен и мора максимално мотивирано да излеземе на овој дуел. Тимот кој ќе биде помотивиран, кој ќе покаже повеќе желба, тој ќе слави во оваа серија. Можеби имаме предност во ширина на клупа и секако одбраната која ако е на нивото од финалето од Купот, ќе ни ја олесни задачата“, изјави за ЕКИПА Радуловиќ.

Се вчитува...