Радуловиќ: Натпреварот го одлучи кратката клупа

МЗТ Скопје не успеа да го загарантира своето место во плејофот на АБА2 лигата, откако во првиот натпревар на последниот „балон“ на регионалното првенство македонскиот претставник по голема борба загуби од Спарс со 76-68.

Избраниците на Дарко Радуловиќ покажаа каратер на денешниот меч и одиграа одличен дефанзивен натпревар, но на крајот отсуството на Андреј Магдевски, Хасани Гравет и Феми Олуџоби беше пресудно за забележување на петиот пораз во сезоната.

„Се боревме до сам крај и игравме против една од најквалитетните екипи во лигата. Ослабени сме со отсуството на тројца стандардни првотимци и тоа го зема данокот на натпреварот. Влеговме рано во проблем со лични грешки кај некои играчи. Желбата беше видлива кај моите играчи, меѓутоа на крајот одлучи таа кратка ротација“ – изјави по натпреварот Радуловиќ.

Десеткуваниот МЗТ Скопје нема многу време за одмор бидејќи веќе во четврток со почеток од 13 часот го очекува средбата против составот на Горица.

Се вчитува...