Радуловиќ: Не е мала работа да го запреш Работнички на 63 поени…

Пелистер одигра маестрален натпревар декласирајќи го Работнички на гостински терен со 63-86, поведувајќи со 1-0 во полуфиналната серија од кошаркарскиот плејоф на Македонија.

Тренерот Дарко Радуловиќ имаше причина да биде презадоволен од изданието на својот тим, откако битолчани му одржаа лекција по кошарка на големиот противник, покажувајќи дека во топ-форма ќе го дочекаат клучниот дел од сезоната.

„Секако дека сум задоволен, ова беше одличен меч од наша страна и им честитам на моите кошаркари на победата. Мислам дека одлично се подготвивме, внимававме на секој детал од играта, а ова беше натпреварот на кој целата екипа беше најфокусирана сезонава, од почеток до крај и тоа ни го донесе овој резултат. Верувајте, не е мала работа да го запреш Работнички на 63 поени, тоа е екипа што лесно дава и над 90 поени на натпревар, но се што направивме денеска беше беспрекорно, соработка на играчите на терен, комуникацијата меѓу нив, се функционираше онака како што треба“, изјави Радуловиќ за ЕКИПА.

Ова е само почеток на полуфиналната серија што ќе се игра до три победи, па стратегот на Пелистер е свесен дека пред неговиот тим е уште многу работа за да го обезбеди пласманот во големото финале.

„Победата беше одлична, но еуфоријата и славјето траеја кратко бидејќи сме свесни за предизвикот. Има уште многу за играње и од денеска продолжуваме со работа, за уште повеќе да напредуваме и да бидеме уште подобри на наредните натпревари. Веќе кажав, секој меч од оваа плејоф серија ќе биде различен, приказна за себе, затоа мораме да бидеме подготвени за вториот дуел во Скопје“, истакна тренерот на битолчани.

Се вчитува...