Радуловиќ: Не ја оспоруваме фаворитската улога, ние сме МЗТ; Јончевски: Ќе дадеме се од себе да донесеме радост во Гостивар

Купот Благоја Георгиевски Буштур се враќа во етерот престојниот викенд, повторно во СРЦ „Кале“ каде МЗТ Скопје ќе се обиде да го одбрани трофејот, но за тоа избраниците на Дарко Радуловиќ прво ќе мораат да ја преминат пречката наречена Гостивар. „Сино-белиот“ четвртфинален натпревар ќе биде одигран во петок со почеток од 14 часот и 30 минути.

Од таборот на клубот од Аеродром се свесни дека во Куп натпреварувањето нема фаворити и се се одлучува во еден натпревар, но „штрковите“ не ја оспоруваат „фаворитската“ улога и ќе дадат се од себе да подигнат уште еден трофеј во својата историја.

„Колку и да звучи клише, Купот е најинтересен во натпреварувањата на овој спорт, имајќи предвид дека еден натпревар решава кој ќе се пласира понатаму, а кој не. Во овој момент ние сме фокусирани само на Гостивар, клуб кој располага со млади, искусни и квалитетни играчи, која игра квалитетна кошарка со брза транзиција. Тоа се некои работи кои ќе мора да ги спречиме доколку сакаме да се најдеме во следната фаза. Фаворитската улога не ја оспоруваме. Ние сме МЗТ“, изјави Радуловиќ.

„Купот е многу специфично натпреварување во кое не секогаш победува фаворитот. Играме против екипата на Гостивар која е многу квалитетна. Мораме да дадеме се од себе и да пристапиме многу сериозно доколку сакаме да издвојуваме победа“, додава капитенот Стојановски.

Гостивар оваа сезона веќе еднаш беше блиску до победа над аеродромци во регуларниот дел, а во овој натпревар влегуваат во серија од шест победи едно по друго. Последната победа дојде вчера и истата беше забележана над Работнички, а сега фокусот е кон Купот.

„Им посакувам на актерите на оваа завршница успешна игра без повреди и интересни натпревари. МЗТ е најнепосакуван ривал затоа што е најквалитетна екипа во моментов, со шест репрезентативци во составот и со четири странци, и несомнено е главен фаворит за Купот. Но, верувам дека и тие не не посакуваа нас во четвртфинале. Ќе дадеме се од себе да ги изненадиме и да донесеме радост во Гостивар. Верувамд дека ќе биде квалитетен натпревар па нека победи подобриот“, вели тренерот на Гостивар, Александар Јончевски.

Се вчитува...