Радуловиќ: Овие момци „гризат“ до крај, Еуро Никел е преискусна екипа, но ние сме МЗТ

МЗТ Скопје ќе се бори за осмата титула во деветата последователна сезона откако „сино-белите“ успеаја да слават во полуфиналната серија против Пелистер со 2-0. Аеродромци по „брејкот“ на гостински терен, одиграа натпревар во кој ја контролираа играта од самиот почеток па до крајот па сосема заслужено стигнаа до победа од 89-78.

По натпреварот тренерот на скопскиот состав не го криеше задоволството од победата, за која вели дека пресудила одбраната.

„Денеска натпреварот го добивме со енергија, со желба во одбрана. И покрај тоа што потфрливме во скокот каде што ја немавме контролата што обично ја имаме. Тука се гледа и отсуството на Карачиќ. Пелистер имаше подобар шут за три поени на наш терен, нешто што не верувам дека ќе се повторува бидејќи тоа е нешто што е наше оружје. Без разлика, мислам дека одигравме стабилно во текот на целиот натпревар, знаевме што правиме, каде напаѓаме и покрај тоа што имавме некои пропусти во одбрана, генерално знаевме каде да браниме“, изјави за ЕКИПА, Дарко Радуловиќ.

„Сино-белите“ во полуфиналната серија не можеа да сметаат на услугите на Иван Карачиќ, а со тоа беше и скратена ротација во составот, меѓутоа и покрај тоа аеродромци одговорија во полн сјај.

„Постојано се збори дека имаме подолга клупа, но не се зема во предвид фактот дека играме со тројца странци и немаме во ротација четврти. Не се зема во предвид фактот дека имаме двајца играчи кои играат повредени, тоа се Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски, не се зема во предвид дека и други играчи добија други улоги, така да таа подолга клупа можеби може да се земе како адут, но од друга страна кога ќе се види реалната слика ние имаме исто толку долга клупа како и другите тимови, само што овие момци гризат до крај“, додава младиот стратег.

Противник на МЗТ Скопје во финалето од првенството ќе биде екипата на Еуро Никел која денеска со победа над Работнички стигна на чекор до трофеј. Овие две екипи одиграа два различни натпревари во текот на сезоната, кавадарчани славеа во Скопје, додека „штрковите“ во Кавадарци па очекувањето е тешка серија која може да ја добијат и двата тима.

„Еуро Никел е неверојатно квалитетна екипа. Се што е селектирано во нивиот ростер е високо квалитетно за наши услови. Имаат квалитетни играчи на сите позиции и се многу искусни. Во нив ќе биде многу, многу тешко да се игра. Ние имавме еден натпревар дома кој што го изгубиме во првиот дел, во вториот имавме натпревар кој бевме доста поквалитетни и подоминатни. Очекувам тешко финале, но ние сме МЗТ и ќе пробаме уште во првиот натпревар да го нападнеме домашниот терен“, вели Радуловиќ.

Се вчитува...