Радуловиќ: Повредите создаваат проблеми, најдоброто од МЗТ Скопје допрва следи…

МЗТ Скопје рутински славеше над тимот на Кожув бележејќи ја првата овосезонска победа на домашната сцена, како увертира за првиот „балон“ во АБА2 лигата што ќе се одржи во Златибор. Амбициите на аеродромци остануваат исти како и секогаш, напад на сите трофеи на домашната сцена и обид да се обезбеди влез во елитното друштво во АБА-лигата.

Сепак, тренерот Радуловиќ се соочува со сериозни проблеми со повредени играчи, неколку стартери го пропуштија поголемиот дел од подготовките, за потоа тројца од нив (Рикиќ, Крстевски и Мекиќ) да не играат ниту на дербито на првото коло со Пелистер. Мекиќ беше единствениот што отсуствуваше на вчерашниот дуел со Кожув, а се очекува МЗТ комплетен да отпатува за првите пресметки во АБА2 лигата.

„Патуваме во недела за Србија, а желбата на сите во клубот е иста – да забележиме победи на што повеќе натпревари. Нема да биде нималку лесно бидејќи против себе имаме квалитетни ривали, но јас верувам во мојата екипа. Прв ривал ни е Младост Земун, екипа со која игравме и лани и која ја задржа неверојатната агресивност во одбраната. За разлика од лани го немаат Дречел како главен поентер, но затоа сега тука се Бојиќ и Ливингстон, двајца играчи кои лани беа дел од македонското првенство и кои се значајни адути во нападот на Младост Земун. Клучно ќе биде како ќе одговориме на нивната агресивност, ако го издржиме тоа на физички план ќе имаме големи шанси за триумф“, вели Дарко Радуловиќ.

Тој се осврна и на двата натпревари на домашната сцена од стартот на сезоната, минималниот пораз од Пелистер и победата над Кожув.

„Ние имаме генерален проблем со повредите поради кои не можеме да се собереме за да одработиме заедно и да почнеме да градиме силен колектив. Па денеска е 8 октомври, а можам да кажам дека се уште немаме одржано ниту еден тренинг комплетни, што доволно ја отсликува ситуацијата. Како и да е, задоволен сум од она што го прикажуваме со оглед на ситуацијата. Во Битола отпатувавме без тројца важни кошаркари и до самиот финиш му париравме на големиот ривал. Против Кожув одигравме уште подобро, поагресивно и тоа ни донесе резултат. Според мене Кожув е квалитетна екипа, но ние бевме на висина на задачата. Се уште гледам простор за голем напредок, пред се на физички план и кога станува збор за колективната игра, верувам дека МЗТ ќе биде уште посилен во периодот што следи“, оптимистички е расположен стратегот на „металците“.

Се вчитува...