Радуловиќ: Се гледа вистинското лице на Војдан…

Дарко Радуловиќ продолжи со добрите резултати на клупата на МЗТ Скопје во АБА2-лигата, откако „металците“ славеа против Војводина за осма радост на десетте досегашни средби во регионалното натпреварување.

Напредокот во играта во однос на претходните два меча беше очигледен, а она што особено го радува Радуловиќ е влегувањето во ритам на Војдан Стојановски, капитенот на македонската репрезентација кој во третиот меч по долгата пауза покажа дека влегува во топ-форма.

„Противникот имаше на теренот една атипична ситуација со четири високи кошаркари, не беше лесно да се најде патот во рекетот и затоа успеавме да славиме. Момците дадоа се од себе, се бореа со играчи кои физички беа посилни од нив и излегоа како победници од целата битка. Денеска ние малку повеќе личевме на себе, имавме помалку загубени топки од претходните средби, подобро трчавме, го осигуравме скокот. Веќе се гледа и вистинското лице на Војдан Стојановски, очекувам и другите играчи наскоро да влезат во својот препознатлив ритам. Мислам дека ако не служи здравјето, ќе можеме да се покажеме во добро светло на тој последен балон-турнир“, изјави стратегот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...