Радуловиќ: Секоја чест за момците, оставија срце на терен и ги заслужија овие три победи

МЗТ Скопје продолжи со импресивните игри во АБА2-лигата откако македонскиот првак вечерва го декласираше Ловќен со 100-81, трета победа во серија за „металците“ на овој турнир од АБА2 што се одржа во Сараево.

Тренерот Дарко Радуловиќ имаше бројни причини за задоволство, но во изјавата по мечот истакна и дека не е среќен поради големиот пад во играта во одбрана во четвртата четвртина, без разлика што победникот веќе беше решен.

„Влеговме добро во натпреварот, посебно на шутерски план, ги искористивме сите празнини во нивната одбрана. Меѓутоа, првото полувреме не го заклучивме онака како што требаше, кога имавме предност од околу 17 поени, но дозволивме на противникот да ја намали. Сепак, пресуди нашата трета четвртина во која функционираше буквално се, имавме добар шут, добра одбрана, добро движење и во напад и во одбрана. Она што мене ме нервира е што во таа четврта четвртина, кога средбата веќе беше решена, што почнавме премногу да се опуштаме, да дозволуваме лесни кошеви, да не играме одбрана, тоа е нешто што не смее да ни се повтори“, изјави Радуловиќ.

Со трите победи на овој турнир МЗТ Скопје има вкупен скор од шест победи и едно реми, со што „металците“ се осамени на второто место, зад „перфектниот“ состав на Борац Бања Лука.

„Генерално, морам да бидам задоволен од момците. Овде одигравме три тешки натпревари со квалитетни ривали, со жестока борба во која МЗТ покажа храброст. Овие момци ги заслужуваат сите честитки бидејќи го оставија срцето на терен и ги донесоа овие три победи во АБА2-лигата“, задоволен е стратегот на македонскиот првак.

Се вчитува...