Радуловиќ: Со уште едно екстра засилување може да ја нападнеме АБА2

МЗТ Скопје успеа да стигне до нова „триплета“ во домашната кошарка откако претходната сезона го освои првенството и Купот, а во новата се закити и со трофејот во Суперкупот на Македонија. Одличните игри на „сино-белите“ ја продолжија и довербата на клубот кон Дарко Радуловиќ, а младиот стратег за новата сезона состави одличен тим чија игра налага дека може да отиде и чекор подалеку.

По првиот дел од сезоната МЗТ Скопје има само четири порази од кои три во домашното првенство. Два од нив се од лидерот на табелата Пелистер, два различни натпревари во кој „сино-белите“ прво настапија „десеткувани“, а потоа примија 19 тројки, како и онаа сензационална победа на новајлијата Феникс 2010.

Во АБА2 лигата единствениот кој успеа да го земе скалпот на аеродромци беше словенската Рогашка, а по неа „штковите“ се наоѓаат во серијата од пет победи за сигурно второ место на табелата.

„Задоволен сум од тоа како се развива екипата. Имаме три порази во Прва лига со загубен од Пелистер на гости кога настапивме со шест играчи, изгубивме и дома од нив со 19 примени тројки и мислам дека тоа не е репер дека се подобар клуб од нас. Поразени бевме и од Феникс во натпревар во кој влеговме со потценување и секоја чест за нив кои стигнаа до заслужена победа. Во останатите натпревари мислам дека прогресиравме добро во сите аспекти. Играчите ја прифатија мојата филозофија за играта, тие што ме знаат ме знаат, тие што се нови се вклопија во тимот и како што одминуваше сезоната бевме се подобри и подобри“, вели за ЕКИПА, Дарко Радуловиќ кој потоа се осврна и кон АБА2 лигата.

„Од АБА2 сум задоволен. Останува мала дамка тој натпревар кој го загубиме против Рогашка во кој влеговме со мало потценување. Од останатите натпревари не може да не бидам задоволен, како и од пристапот на сите играчи кои во даден момент го даваат својот придонес. Ние сме екипа која што победува поради тоа што е екипа, не сме зависи од индивидуи кои во моменти ќе блеснат со своите квалитети и тимската игра е нашата сила“

Аеродромци оваа сезона имаат одличен тим од домашни и странски играчи, а тренерот Радуловиќ верува дека со уште едно екстра засилување може да се избори и место меѓу најдобрите тимови на „Јадранот“. Дали тоа ќе биде Војдан Стојановски или пак стренец останува да видиме.

„Целите остануваат исти до крајот на сезоната. Ние сме МЗТ Скопје и ќе се обидеме да одбраниме се што освоивме во претходниот период. Купот како натпреварување е специфично само по себе, далку поразлично од титулата, но нормално дека ќе дадеме се повторно да го освоиме. Се знае дека трофеј потешко се брани отколку што се освоија прв пат, но не остапуваме од целите. Очекувам во наредните денови да влеземе во преговори со едно екстра квалитетно засилување и доколку го најдеме со него да пробаме да влеземе во АБА1. Доколку не успееме во тоа ќе видиме до каде ни се силите со тоа што располагаме. Војдан е желба да, но доколку не го ангажираме него ќе бараме странец. Уште едно сериозно засилување ни е неопходно за влез во АБА1“, завршува младиот стратег.

Се вчитува...