Радуловиќ: Верувам дека овој тим на МЗТ Скопје ќе игра добра кошарка и ќе победува

Дарко Радуловиќ имаше извонредно деби на клупата на МЗТ Скопје, предводејќи го актуелниот првак до убедлива победа над Гостивар. „Металците“ целосно го издоминираа директниот ривал за највисок пласман, уште на полувреме водеа со 49-32, на крајот триумфираа со 93-76, оставајќи го зад себе разочарувачкиот пораз од Академија ФМП од минатото коло.

Радуловиќ уште на самиот почеток потенцира дека доброто издание на тимот против Гостивар, како и беспрекорната физичка подготвеност се заслуга на неговиот претходник Ѓорѓи Кочов.

„Овој тим е дело на Ѓорѓи Кочов, составен од овој стручњак и подготвуван за целата сезона од него. Она што јас го правам е продолжение на неговата добра работа. Немаше потреба за тактички новини во играта, се што направив беше внесување на една поинаква енергија, можеби давање на поголема слобода во играта на дел од кошаркарите. Не чувствував трема бидејќи верувам во овој играчки кадар, во квалитетот што го поседува МЗТ, што беше презентирано и на теренот“, изјави Радуловиќ за ЕКИПА.

Според него, главна цел на дербито со Гостивар беше да се потврди супериорноста на физички план против овој незгоден противник.

„Сите многу добро ги познаваат квалитетите на Гостивар, екипа со беспрекорен шут што знае да биде исклучително опасна ако го наметне сопственото темпо. Од друга страна, ние сме понадмоќни на физички план и затоа инсистирав на зголемена агресивност, за да не се дозволи Гостивар да дојде во ритам. Тоа вроди со плод и стигнавме до значаен триумф. Олуџоби не беше во тимот поради ситна повреда“, открива Радуловиќ.

Овој стручњак ќе го предводи тимот на МЗТ на четвртиот балон од АБА2-лигата што ќе се одржи на Златибор, натпревари што ќе бидат клучни за тоа дали Радуловиќ би добил шанса до крајот на сезонава.

„Искрено, не размислувам премногу на таа тема, насочен сум само на натпреварите кои се пред нас и тоа МЗТ Скопје да оствари што подобри резултати. Управата е таа што одлучува на оваа тема, мое е само да работам и да се обидам да оствариме што повеќе победи. Доколку го сторам тоа, би си ги зголемил и шансите за останување“, истакнува Дарко Радуловиќ.

Се вчитува...