Радуловиќ: Во овој тим на МЗТ Скопје играчите гинат на терен еден за друг

МЗТ Скопје ја продолжи импресивната серија во домашното првенство, славејќи на дуелот со ТФТ за осма победа во низа во Првата лига. „Металците“ одиграа фуриозно прво полувреме создавајќи предност од над 20 поени, што беше доволна за рутинска победа за триумф над незгодниот состав од Тафталиџе.

Тренерот Дарко Радуловиќ има причина да биде задоволен од изданијата на својот тим на домашната сцена, во пресрет на третиот турнир од АБА2 лигата што ќе стартува наредната седмица.

„Секако дека сум задоволен што забележавме победа. Овој меч во медиумите беше окарактеризиран како дерби, можеби според резултатите на ТФТ во последната година, но секако дека реномето и квалитетот се на наша страна и тоа го потврдивме и на терен. Добро го имавме анализирано противникот, одигравме беспрекорно во првото полувреме во кое играчите реализираа се она што го имавме зацртано како план за мечот. Како и на претходните средби, повторно имавме пад во вториот дел кога помисливме дека мечот е прерано завршен, но бевме доволно квалитетни и искусни за да не дозволиме ТФТ посериозно да се приближи“, истакна Радуловиќ.

Младиот стратег пристигна на кормилото на МЗТ на средина од ланската сезона, ја освои двојната круна на домашната сцена, а амбициите на тимот секако се одбрана на трофеите.

„Неблагодарно е да се споредува оваа екипа со онаа што лани ги бранеше боите (дел од нив се уште се дел од МЗТ) и што освои трофеи. Единствена разлика што би ја потенцирал е што овој состав на МЗТ е многу покомпактен, што како тренер многу ме радува. Во тимот владее извонредна атмосфера, сите играчи во овој тим на МЗТ Скопје гинат еден за друг и токму таквиот пристап дава резултат. Се надевам дека ќе продолжиме во ист стил и во периодот што следи“, прокоментира Дарко Радуловиќ.

Се вчитува...