Рафиња во Интер до крајот на сезоната

Интер го комплетираше второто засилување во зимскиот преоден рок, од редовите на Барселона пристигна Рафиња Алкантара како позајмен играч до крајот на сезоната. „Нероаѕурите“ по крајот на сезоната ќе можат да го откупат неговиот договор со Барселона за 35 милиони евра, а ќе имаат обврска автоматски да го сторат тоа на 1 јули доколку успеат да обезбедат место во Лигата на шампионите за следната сезона.

Бразилецот во потрага по поголема минутажа беше приморан да го запушти „Камп ноу“, иако беше мета на повеќе клубови, се одлучи за Интер откако му понудија најдобри услови. Рафиња се надева дека со настапите во дресот на Интер ќе успее да се врати во репрезентацијата на Бразил и ќе обезбеди место во селекцијата која ќе патува за мундијалот. Тренерот на тимот од „Џузепе Меаца“, Лучијано Спалети, очекува Рафиња да биде во конкуренција за настап за претстојниот натпревар против Спал.

Тотално заборавен од Ернесто Валверде, во оваа сезона Рафиња настапи на само еден меч за Барса, поточно само 15 минути од средбата против Еспањол во првиот дуел од четврфиналето на шпанскиот Куп.

Се вчитува...