Раиконен најбрз во САД, одложена шампионската прослава на Хамилтон

Кими Раиконен е победник на трката за ГН на САД, со што финскиот возач му донесе триумф по подолго време на Ферари, но и ја одложи прославата на шампионската титула што ја имаше закажано Луис Хамилтон. Триумфот на финскиот ас е прв за него по пауза од пет и пол години, и тоа неколку месеци пред збогувањето од италијанскиот тим.

Хамилтон се надеваше дека ќе ја продолжи серијата одлични настапи и со триумф во САД токму во оваа земја ќе ја слави петтата титула, но сепак по ваквиот развој на настаните тој ќе мора да почека до наредната трка што ќе се вози во Мексико.

Раиконен успеа да го мине Хамилтон уште на првиот свиок, а потоа и откако Британецот втор пат ги менуваше гумите, по што Финецот се задржа на чело на колоната за своја прва победа по м1рт 2013 година. Најдобра трка извозе Ферстапен, кој стартуваше од 18. позиција, но на крајот успеа да дојде до второто место. Младиот Холанѓанец му создаде многу проблеми на Хамилтон, кој при последниот обид да го престигне асот на Ред бул накратко загуби контрола, што значеше и дефинитивно освојување на третата позиција и одложување на шампионската прослава.

Себастијан Фетел на неколку круга пред крајот го мина Валтери Ботас и го освои четвртото место, повторно зад големиот ривал, а мала сатифакција за Германецот е што барем накратко ја одложи прославата на возачот на Мерцедес.

Се вчитува...