Ракип на гости кај европскиот првак, Барселона нема право на грешка

Новопечениот македонски репрезентативец Ердал Ракип, вечерва има тешко гостување во Лигата на шампионите. Неговиот Малме ќе игра на „Стемфорд Бриџ“ кај европскиот првак Челзи во потрага по први бодови во најелитното европско натпреварување.

Ракип се очекува да го почне дуелот вечерва каде ќе се бори да доминира во средината против „ѕвездите“ на лондонските „сини“.

Барселона од 18:45 часот го пречекува тимот на Динамо Киев. „Каталонците“ имаат старт со два порази во Лигата на шампионите, и тоа изразени со голема разлика, па така сега четата на Куман ќе нема право на грешка. Секоја нова грешка ќе значи и елиминација од „елитата“.

Баерн Минхен има шанси да се зацврсти на првото место на табелата доколку го победи тимот на Бенфика на гостински терен. Со тоа „Баварците“ би имале девет бода, а Бенфика би останала на 4, со што би направиле огромен чекор кон следната фаза.

Манчестер Јунајтед ќе ја бара втората победа во групната фаза против Аталанта. Јунајтед не игра убедливо во ЛШ. Го победи Виљареал едвај со гол во последните мигови, а загуби од Јанг Бојс. Јанг Бојс, пак, на домашен терен ќе се обиде да направи ново изненадување и да го совлада Виљареал.

Интересно ќе биде во Санкт Петербург каде што Зенит го чека тимот на Јувентус. Шампионот на Франција Лил игра против Севилја. Волфсбург во 18:45 гостува на Салцбург.

Се вчитува...