Ракитиќ донесе победа, Меси уште чека на јубилејот

Барселона оствари значајна победа во трката за титулата во Ла Лига, откако по голема битка го скрши отпорот на Атлетик Билбао совладувајќи го гостинот од Баскија со 1-0.

Каталонците долго се мачеа да го најдат патот до мрежата на Атлетик, Меси и Суарез имаа неуспешни обиди, за на крајот тоа да му успее на Иван Ракитиќ. Хрватот кој влезе во игра на местото на Бускетс одлично се снајде, втрча во шеснаесетникот и го матираше гостинскиот голман, за свој 50. погодок во Ла Лига (број 25 во дресот на Барса, претхоно исто толку имаше постигнато и за Севилја).

Лионел Меси втор натпревар по ред не успева да се запише меѓу стрелците, останувајќи на 699. погодоци. Аргентинецот делуваше мотивирано да дојде до јубилејната 700-ка, но противниците одлично му ги затвораа приодите кон голот.

Барса со оваа победа има три бода предност пред Реал Мадрид, но „кралевите“ утре ќе го играат својот натпревар од ова коло, на домашен терен против аутсајдерот Мајорка.

Се вчитува...