Ракитиќ потврди: Останувам во Барса!

Барселона ја забележа и втората победа сезонава на гостувањето во Валјадолид, а навивачите на каталонскиот гигант по мечот имаа уште една причина за радост, откако Иван Ракитиќ објави дека ќе остане во овој клуб уште најмалку една сезона. ПСЖ најави офанзива по хрватскиот ас во финишот од овој преоден рок, но Ракитиќ е дециден на ставот дека нема да си замине од „Камп ноу“.

„Имаше многу шпекулации и време е да завршат. Останувам во Барселона, преполн со желба за нови успеси со овој клуб. Искрено, нема ништо подобро од носењето на овој дрес, ќе продолжам да давам се од себе и да освојувам нови пехари. Среќен сум и горд“ – истакна Ракитиќ.

Тој се осврна и на синоќешниот триумф над Валјадолид, на очајниот терен за игра на кој ѕвездите на Барса многу тешко се адаптираа.

„Знаевме дека нема да биде лесно, а теренот само уште повеќе ни ја отежни работата. Најдобро од се е што никој од нас не се повреди, многу значајно е што и на вакви натпревари продолжуваме да победуваме“ – вели Иван Ракитиќ.

Се вчитува...