Шпанките ја изненадија фаворизираната Франција

Шпанија славеше на дуелот со Франција (28-25) во второто коло од олимпискиот турнир во ракомет во женска конкуренција, резултат со кој „црвената фурија“ го остави зад себе неочекуваниот убедлив пораз од Шведска во првото коло. Французинките на стартот со многу мака ја совладаа Унгарија и денеска ја имаа улогата на фаворити, но нешто послабото издание во второто полувреме придонесе „триколорите“ да останат без бодови на оваа средба.

Франција беше подобар ривал во првото полувреме, во кое во неколку ситуации имаше и предност од три гола, но Шпанија успеа да се врати пред крајот на полувремето и на одмор се замина со израмнети 12-12. Пресуден беше стартот на вториот дел, во кој Шпанките експресно поведоа со 18-14 и ја презедоа контролата. Французинките намалија само до „минус два“, но немаа сили за целосен пресврт, па „црвената фурија“ заслужено стигна до првата победа во групната фаза на овие Олимписки Игри.

Мартин со шест гола ја предводеше Шпанија до овој триумф, додека најефикасни во францускиот табор беа Коатанеа и Пино со по пет погодоци.

Шпанија во третото коло ќе се сретне со Бразил, додека Французинките ги очекува дуел со Шведска, која има две убедливи победи на стартот од овој олимписки турнир.

Се вчитува...