Ракомет за мерак: Веспрем го растури Кил

Веспрем со извонредна игра во нападот го демолираше составот на Кил со убедливи 41-33, нанесувајќи им го на „зебрите“ третиот пораз во низа, по двата неуспеси на пресметките со Барселона. Дејан Манасков се најде на списокот на играчи на Веспрем за овој натпревар, но македонскиот репрезентативец не влезе во игра.

Уште од самиот почеток беше јасно дека овој дуел ќе биде суперефикасен, нападите на двата тима не траеја повеќе од триесетина секунди, а голманите поголемиот дел од времето го минаа вадејќи ја топката од сопствената мрежа. На полувреме се замина со израмнети 19-19 со голот на Дамке, Кил потоа на стартот од вториот дел поведе со 19-21, потоа и 21-23, но тоа беше се што германскиот шампион успеа да стори на овој меч.

Веспрем конечно заигра подобро во одбраната, на голот се разбуди и Коралес, по што Унгарците до крајот го демолираа противникот славејќи со убедливи осум гола разлика. Црна дамка на мечот остави повредата на домашниот играч Расмус Лауге, кој во случај на посериозен проблем ќе го пропушти и СП во Египет. Најдобар поединец на натпреварот беше Ненадиќ со десет гола од 12 обиди, додека прв стрелец на Кил беше Екберг со седум погодоци.

Се вчитува...