Со два бода, од два натпревара, неочекуван пораз од Грција, со нов селектор и со желба да се обезбеди Европско првенство, македонската ракометна репрезентација влегува во двомечот со традиционално непријатниот противник Исланд. Вечерва во Рејкјавик, Данило Брестовац и неговиот тим треба да парираат на тешкото гостување и полека да ја најавуваат новата селекторска филозофија. Брестовац пред заминувањето беше чесен и призна дека, промени во однос на тоа како играла репрезентацијата не може да има со оглед дека времето е исклучително кратко за да се воведуваат новини. Зацврстување на одбраната ќе биде клучната определба на селекторот на овој меч.
„Одработевме два тренинга меѓутоа само на едниот бевме во комплетен состав. Се договоривме со ракометарите како ќе одиграме и се надевам на добро издание во Рејкјавик“ – вели селекторот Брстовац откако имаше можност да поработи со националниот тим.
Во нашиот табор се надеваат на два квалитетни натпревара и една победа од двомечот со Исланѓаните со што би биле веќе речиси сигурни учесници на еврошампионатот. Потоа во јунскиот термин во дуелите со Грција и со Турција ќе треба само да го потврдивме новото учество меѓу најдобрите на контиентот.
„Со нив имаме одиграно бројни натпревари, имаме и победувано и губено против овој ривал. Најсвежо сеќавање ни е оној последен пораз во Минхен, каде водевме во поголемиот дел од средбата, но потоа загубивме со тесен резултат. Исланд е солидна репрезентација иако е подмладена, има извонреден селектор кој е актуелен олимписки првак со селекцијата на Данска“ – вели капитенот Кирил Лазаров.
Пред дуелот на последното Светско првнество кој го загубивме, имавме евроквалификациски двомеч со Исланд и двете селекции забележаа победи на домашен терен. Претходно истата година, 2017 беше ремито на мундијалот во Франција кој нас не лансираше во нокаут-фазата.
„Секогаш е неизвесно кога играат Исланд и Македонија, очекувам таков натпревар и овојпат. Имаме четири бода, но со нетрпениие ги очекуваме овие две средби со Македонците, кои дефинитивно се најголем предизвик во групата. Противникот е квалитетен, располага со различни оружја во нападот, има и одличен голман. Сега има и нов селектор, па не може точно да се предвиди како ќе игра Македонија, но во секој случај знаеме дека нема да ни биде нималку лесно“ – потенцираше селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон.
Исланд за разлика од дуелот на Светското првенство во Германија ќе биде засилен и со Гудјон Валур Сигурдсон, по два одиграни натпревара е лидер на табелата во нашата квлафикациска група со 4 бода, потоа сме ние и Грција со по два, Турците засега се без бодови. Попладнево во нашата квалификациска група се среќаваат Турција и Грција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА