Ракометарите комплетни – со сите сили по две победи против Грузија

Подмладената македонска репрезентација одигра две контролни средби во Турција, каде по победата над домаќинот следеше реми со селекцијата на Италија. „Црвено-жолтите“ денеска пристигнаа назад во Скопје, каде веќе ги очекуваат најискусните ракометари, подготвени за претстојниот двомеч со селекцијата на Грузија (петок и сабота во СЦ „Борис Трајковски“).

Капитенот Кире Лазаров ќе биде предводник на националниот тим на двата меча со Грузијците, а покрај него во репрезентацијата се враќаат и голманот Борко Ристовски, крилото Дејан Манасков, и бековите од Бундес-лигата, Филип Талески и Филип Кузмановски.

Јасно е, разликата во квалитет е на страната на Македонија, а селекторот Брестовац ќе има можност да вклопи дел од помладите играчи крај оние најискусните, во обид да ја најде вистинската „формула“ за ЕП 2020. Следниот собир на националниот тим ќе биде токму оној за официјалните подготовки за европскиот шампионат, во кој Македонија ќе ја игра групната фаза во Виена, заедно со селекциите на Австрија, Чешка и Украина.

Се вчитува...