Ракометарите мотивирани: Време е да се израмнат сметките со Грција

Македонските ракометари од вчера се во Струмица, каде утре со почеток во 18 часот ќе излезат на мегдан со селекцијата на Грција, во последното коло од квалификациите за ЕП 2020. Пласманот на европскиот шампионат е веќе осигуран, за првото во групата доволно е и реми, но ракометарите не се заинтесирани за такви „математики“. Напротив, желба на сите во националниот тим е убедлива победа над јужниот сосед, како реванш за неочекуваниот пораз во Кожани претрпен минатата година.

„Сеќавањата од тој пораз се уште се свежи. Тоа е само мотив повеќе за победа на овој последен натпревар, за успешно заокружување на овие квалификации. Грците и во последното коло против Исланд покажаа дека не се наивен ривал, но наша цел е победата и ќе сториме се за да стигнеме до неа“ – порачуваат од таборот на „црвено-жолтите“.

Селекторот Брестовац нема да може да смета на стандардните Манасков и Стоилов, а проблем повеќе е што поради повредата заработена во Турција отпадна и искусниот Кукоски, на чие место повикан е Дарко Димитриевски. Добра вест е што специјалистот за одбрана, Велко Маркоски, е „фит“ за настап во Струмица и покрај незгодната повреда на дуелот со Турција.

Се вчитува...