Ракометарите на мегдан со Кувајт: Прва шанса за докажување пред ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија денеска (19 часот) во Стара Пазова ќе го одигра првиот од двата предвидени дуели со селекцијата на Кувајт, двомеч што ќе му послужи на селекторот Брестовац да ги види на дело помладите ракометари пред да реши кои од нив ќе останат во финалната фаза од подготовки за ЕП 2020.

Никола Митревски и Велко Маркоски се меѓу ретките поискусни ракометари кои ќе бидат дел од селекцијата на првите четири контролни натпревари, а Брестовац најави дека во следните денови ќе им даде шанса на сите 20 ракометари кои тргнаа на пат за Србија и Романија.

„Јас веќе реков, подготвен сум да ризикувам, да им дадам шанса на сите да се докажат. А на нив е како ќе ја искористат, да покажат дека заслужуваат да го носат дресот на Македонија на ЕП. И не само тоа, да бидат епизодисти, туку навистина да ни бидат од корист и на натпреварите од европскиот шампионат. Сите ќе добијат шанса, а на нив е како ќе ја искористат“ – изјави Брестовац.

Нашите ракометари утре ќе одиграат уште еден натпревар со Кувајт, по што веднаш ќе заминат за Романија, каде ги очекува настап на „Трофеј Карпати“. Националниот тим се враќа во Скопје на 30 декември, а подготовките ги продолжува во Словенија на 2 јануари, кога на располагање Брестовац ќе ги има најдобрите ракометари кои добија одмор за време на првата фаза.

Се вчитува...