Ракометарите на тест со Србија – Раул ќе испробува, шанса ќе добијат сите ракометари

Македонската ракометна репрезентација вечерва со почеток во 20 часот (СЦ „Борис Трајковски“) ќе одигра контролен натпревар против селекцијата на Србија, главна увертира за претстојниот светски шампионат во Германија и Данска. Двете селекции утре ќе одиграат уште еден дуел, но од затворен карактер, така што денешната пресметка ќе биде и единствена можност за македонската јавност да го види на дело подмладениот македонски состав под водство на Раул Гонзалес.

„Се е добро додека се тренира, задоволен сум од она што играчите го покажаа во текот на подготовките, ќе видиме сега како ќе изгледаме и на еден натпревар. Тоа ќе ни биде добредојдено за да видиме во каква форма се наоѓаме и евентуално да корегираме некои работи што ќе ги забележиме како слабости. Ќе играме дел од она што планираме да го играме и на СП, но сигурно нема да откриваме буквално се. Целта е на овие натпревари шанса да добијат сите ракометари, да покажат што знаат“ – истакна Раул Гонзалес во пресрет на денешниот натпревар.

На спротивната страна, српските ракометари веќе одиграа една контролна средба со селекцијата на Тунис на крајот од 2018 година, на која забележаа победа од 29-25.

Сигурно добро ќе ни дојде овој натпревар за да видиме каде се наоѓаме во овој момент. По африкански ривал, ред е да се провериме и со една европска селекција. Тоа ќе биде добар натпревар пред многу навивачи и спортска атмосфера, вистински тест за нашите можности. Минатата зима Македонците славеа против нас во Белград, а сега ќе сториме се за да оставиме што подобар впечаток на нивни терен“ – изјавува голманот на Србија, Владимир Ципура од тимот на Кјелце.

Се вчитува...