Ракометарите надиграни и заслужено поразени од Србија

ЕКИПА во Ниш,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација претрпе пораз од 29-26 на првиот од двата контролни натпревари што нашиот национален тим ги игра викендов против соодветната селекција на Србија. И двајцата селектори решија на овој двомеч да експериментираат со играчи кои вообичаено не се стандардни првотимци, Кире Лазаров повика исклучиво играчи од домашната Супер-лига, кои и покрај желбата и залагањето претрпеа заслужен пораз во меч во кој губеа 60 минути.

Македонија го стартуваше натпреварот со Кизиќ на голот, Аларов како пивот, Костески и Кузмановски по крилните позиции и бековска линија составена од Серафимов, Ѓоргиев и Младеновиќ. Почетните минути донесоа очигледни проблеми во играта во напад, поради што Лазаров беше принуден веќе во петтата минута да побара тајмаут при водство на домаќините од 4-0. Аларов го постигна првиот гол за Македонија во 6. минута, но домаќините доминираа и поведоа со најубедливи 8-2. Нашите ракометари сепак успеаја да се разбудат, фаќајќи резултатски приклучок по неколкуте исклучувања на српските ракометари. Томи Јагуриновски влезе свежина во нападот, а токму со неговиот гол Македонија се приближи на само два гола негатива (11-9), принудувајќи го српскиот селектор на тајмаут во 20. минута. Разликата до крајот на полувремето се движеше меѓу два и четири гола, Македонија пропушти убава можност да дојде до „минус еден“ откако Јагуриновски во 29. минута при 17-15 ја погоди гредата, потоа истиот ракометар на другата страна заработи исклучување, по што Србија со нов гол на одмор замина со водство од 18-15.

Голманот Кизиќ влезе во серија добри интервенции (одбрани и еден пенал), но слабата ефикасност во нашиот напад беше причината поради која Македонија не успеа да се врати целосно во мечот. Кире Лазаров побара тајмаут во 40. минута при резултат 22-19, но во наредните шест минути нашите ракометари продолжија со неефикасниот напад, постигнувајќи само еден гол, и тој од пенал. Србија поведе и со 25-22, а македонската селекција врза два гола откако остана со двајца ракометари повеќе, откако прецизно шутираа Мишевскис и голманот Кизиќ. Сепк, домашните ракометари рутински го контролираа резултатот до самиот крај, триумфирајќи со конечни 29-26, откако во последната секунда не реализиравме пенал преку Кузмановски.

Двете селекции утре ќе одиграат уште еден контролен натпревар, овојпат со почеток во 16 часот.

Се вчитува...