Ракометарите отпатуваа за Украина, Раул оптимист

Машката ракометна репрезентација утрово отпатува за Суми, Украина каде утре против домашната селекција ќе го одигра претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска.

Непосредно пред заминувањето за Украина, на синоќешниот последен тренинг репрезентацијата се комплетира со пристигнувањето на Борко Ристовски и на капитенот Кире Лазаров. Веднаш потоа селекторот Раул Гонзалес го одреди составот од 17 играчи што отпатуваа за Украина. Во однос на претходните два меча со Исланд, Гонзалес направи промена на голманската позиција. Во последната селекција отпаднаа Никола Митревски и Мартин Томовски кој има мала повреда, а во голманскиот тандем со Борко Ристовски ќе биде Златко Даскаловски. Од поширокиот состав отпадна и бекот Горан Крстески. Од младите ракометари шанса на дуелот со Украина ќе добие десниот бек на Металург, Мартин Велковски.

Селекторот Раул Гонзалес за последните два натпревари од овој квалификациски циклус не ќе може да смета на Велко Марковски кој има повреда на мускулот на ногата.

„Имаме проблеми со повредите, но мора да се навикнеме да тренираме така со тие играчи што се тука. Велко Марковски не може да игра, но ќе го решиме тоа, имаме и други играчи, сите се подготвени и тренираме друга комбинација во одбраната“ – истакна селекторот Раул Гонзалес.

По првите четири кола сите четири репрезентации во групата имаат по четири бода и никој досега нема забележано победа на гостински терен и последните две кола ќе решаваат кои две репрезентации ќе ги освојат првите две места во групата што носат пласман на ЕП 2018. Македонија во првиот натпревар со Украина на домашен терен славеше со 27-21. Селекторот е оптимист дека Македонија може да ја победи Украина и во овој втро дуел на гостински терен и да направи исчекор во борбата за пласман на ЕП во Хрватска.

„Мислам дека имаме шанса да ја победиме Украина таму, треба да одиграме добар натпревар како што одигравме против Исланд. Треба да поправиме некои грешки и мислам дека ќе биде добро. Има многу разлика кога играш дома и кога играш надвор. Во оваа група досега никој не победи во гости, сега ние имаме шанса да победиме, а потоа во недела да го потврдиме тоа и во последниот дуел со Чешка“ – вели Гонзалес.

Натпреварот со Украина во Суми е утре со почеток во 18 часот.

Состав:Борко Ристовски, Златко Даскаловски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Филип Талески, Филип Кузмановски, Марко Нелоски, Влатко Митков, Филип Лазаров, Мартин Велковски, Никола Маркоски, Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски

Се вчитува...