Ракометарите повторно поразени од „фараоните“

Ракометната репрезентација на Македонија претрпе пораз и на вториот натпревар од пријателскиот двомеч со Египет во Каиро, откако избраниците на селекторот Кире Лазаров загубија од африканскиот првак со резултат 31-26. Слично како и на вчерашниот прв натпревар, и денеска потфрли нападот на „црвено-жолтите“, а противникот беше доволно квалитетен за да ја казнува секоја наша грешка и со лесни голови на спротивната страна да стигне до заслужена победа.

Кузманоски го постигна првиот гол за Македонија на денешниот меч, откако противникот рано поведе со 2-0, за нашите ракометари да имаат предност во голем дел од првото полувреме. Избраниците на Лазаров имаа водство од 7-9, потоа водеше и со 11-13, но пресуден беше финишот на првото полувреме што Египет го заврши со пет гола во низа, на одмор заминувајќи со водство од 16-13.

Двата гола на самиот почеток од второто полувреме за 16-15 беа се што македонските ракометари успеаја да сторат, следуваше нова мини-серија на „фараоните“, кои повторно резултатски се одлепија и на крајот заслужено стигнаа до победата.

Филип Талески беше прв стрелец и на овој меч со девет постигнати гола, додека пет погодоци постигна Кузманоски.

Кире Лазаров на овој двомеч имаше можност да ги види на дело младите ракометари, напредокот во одбраната е очигледен, но проблем останува слабиот напад, каде грешките придонесуват да дојде и до лесни голови на противникот во мрежата на „црвено-жолтите“.

Се вчитува...