Ракометарите растураа во оваа сала, а сега ќе стане болница за Covid-19

Македонските ракометари своите најдобри партии во последните пет-шест години ги одиграа во „Арена“ во Загреб, кога во првата фаза од ЕП 2018 ги совладаа Словенија и Црна Гора, притоа ремизирајќи со Германија и освојувајќи го првото место во стартната рунда од шампионатот. „Арена“ тогаш беше обоена во црвено-жолто, огромен беше бројот на Македонци присутни во овој хрватски спортски храм, кој сега, во екот на коронавирусот ќе мора да ја пренамени својата функција.

Имено, хрватските власти објавија дека е почнато со работа за оваа спортска сала да биде употребена како болница за собирање на заболените од Covid-19, но оние со поблаги симптоми. Со работа се почна уште вчера, во салата се местеа болнички кревети, а се очекува наскоро да почнат да пристигнуваат и првите пациенти.

„Објектот Арена ќе биде дополнително решение за примање на пациенти, во ситуација кога болниците се приближуваат до максимална исполнетост“, изјавија од Канцеларијата за управување со кризни ситуации во Загреб.

Во Хрватска од утрово се потврдени 157 случаи на заразени граѓани на оваа земја со коронавирусот.

Се вчитува...