Со денешниот собир во хотелот „Александар Палас“ и официјално беше означен стартот на подготовките на ракометната репрезентација за претстојниот Мундијал што од 10 до 27 јануари ќе се одржи во Германија и во Данска. Атмосферата на собирот беше позитивна, а желбата на сите е иста, експресно да се заборави последниот квалификациски пораз од Грција и мислите целосно да се насочат кон претстојниот мундијалски предизвик.
Селекторот Раул Гонзалес во Скопје ќе пристигне утре, исто како и неговиот помошник Роберто Парондо, па денешниот тренинг ќе го води кондицискиот тренер, Кристијан Кајчевски. Поради клупските обврски со задоцнување на националниот тим ќе му се приклчат Филип Талески, Борко Ристовски и Филип Лазаров.
Гонзалес при првичното кратење на списокот го реализираше најавуваното подмладување на репрезентацијата, останува да се види кои ракометари во наредните денови ќе го убедат селекторот во своите квалитети, за да се најдат за финалниот список на патници за Германија.
Македонската репрезентација целите подготовки ќе ги мине во Скопје, а на почетокот од следната година,на 4 и на 5 јануари, во Скопје ќе одигра две контролни средби против селекцијата на Србија.
Противници на Македонија во групната фаза во Минхен се селекциите на Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд, а пласман во втората рунда обезбедуваат најдобрите три селекции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА