Ракометарите во нова мисија – Финска нема што да бара во Скопје

Македонските ракометни репрезентативци со вечерашниот дуел против Финска (20 часот, СЦ „Борис Трајковски“) го отвораат новиот квалификациски циклус, овојпат за место на ЕП 2022. „Црвено-жолтите“ најверојатно ќе го прекинат континуитетот од настапи на големите натпреварувања откако не добија вајлд-карта за настап на СП во Египет, но селекторот Брестовац е свесен дека е од огромно значење да се биде дел од наредното европско првенство, уште повеќе ако се знае дека групата е сосема поволна, бидејќи крај фаворитот Данска за ривали ги имаме уште и Финска и Швајцарија.

Финците важат за апсолутни аутсајдери во групата, а во Скопје доаѓаат дополнително ослабени поради неиграњето на најдобриот ракометар Ренберг, додека во нашиот табор ќе недостигаат Мартин Поповски, Марио Танкоски и Мартин Велковски, кои беа позитивни на Covid-19 тестирањата на почетокот од подготовките во Скопје.

Јасно е дека Македонија ќе ја има фаворитската улога, но селекторот Брестовац ги предупреди своите пулени дека никако не смеат да го потценат денешниот ривал.

„Верувам дека со максимален пристап и мотивирана и цврста игра во одбраната можеме да стигнеме до позитивен резултат во дуелот со Финска. Тие бележат евидентен напредок во играта на клубски и репрезентативен план, така да во ниеден момент несмееме да ги потцениме како состав. Имаат искусни и квалитетни ракометари во својот состав кои можат и знаат да одиграат добар ракомет“, изјави Брестовац.

Се вчитува...