Ракометарите во поход по билет за СП: По триумф над Романија за лечење на раните од Дебрецин

Македонската ракометна репрезентација вечерва (19 часот) ќе ја пречека Романија во првиот од двата предвидени бараж-циклуси за пласман на СП 2023. „Црвено-жолтите“ ја имаат фаворитската улога во пресрет на овој двомеч, а Романците се идеален ривал за враќање на самодовербата по трите порази на последното ЕП во Дебрецин.

Голем плус во однос на настапот на европскиот шампионат е враќањето на Кире Лазаров, кој поради повреда не настапи во Дебрецин, а во составот се враќа и Столе Стоилов, кој поради коронавирус одигра само еден меч на ЕП. Своето деби за сениорската репрезентација ќе го има Павле Атанасијевиќ, кој не настапи во Унгарија.

Ривалот не е наивен, на клупата го има Чави Пасквал, но Романците допатуваа во Скопје без неколку стандардни првотимци, со што дополнително си ги намалија шансите за позитивен резултат на денешниот дуел. Кире Лазаров имаше добра соработка со Чави Пасквал додека настапуваше за Барселона, така што македонскиот селектор добро подготвен ќе го дочека дуелот со поранешниот стратег.

Романија е селекција кон која треба да се пристапи со целосен репсект. Тие го имаат Чави Пасквал за селектор, легендарно ракометно име, човек кој беше тренер 12 години во Барселона, а тоа доволно збори за неговата големина. Што се однесува до нашиот тим имаме нови ракоменти имиња, млади играчи со голем потенцијал. Веќе направивме видео анализа и сум сигурен дека ќе одиграме два одлични бараж натпревари, оваа селекција на Македонија е подготвена да го даде најдоброто од себе“, изјави Лазаров.

Македонските ракометари утре наутро со чартер лет патуваат за Букурешт, каде в сабота ќе го одиграат реваншот против истиот ривал.

Се вчитува...