Ракометен спектакл: Македонија ќе игра на фудбалски стадион против Франција на ЕП 2024

Ракометните репрезентативци на Македонија ќе имаат чест да бидат дел од неверојатен спектакл на стартот од претстојниот европски шампионат што ќе се одржи во јануари 2024, што „црвено-жолтите“ ќе го почнат со настап на фудбалски стадион.

Поточно, организаторите решија првите натпревари од групата А да се играат на арената „Меркур Шпил“ во Дизелдорф, фудбалски стадион со капацитет од над 50.000 места. ЕВРО 2024 официјално ќе биде стартувано со дуелот меѓу Германија и Швајцарија, на кој се очекува трибините да бидат полни и да биде поставен нов светски рекорд за посета на еден ракометен натпревар.

Веднаш потоа се очекува на мегдан да излезат ракометарите на Македонија и на Франција, кои исто така пред голем број на ракометни фанови ќе бидат дел од вториот дел од овој ракометен спектакл во Дизелдорф.

Според програмата, останатите натпревари од оваа група А ќе се играат во Берлин.

Се вчитува...