Ракометна фешта: Романците изгореа во скопскиот пекол, Македонија е чекор поблиску до СП

Македонија е многу блиску до втората нокаута фаза од квалификациите за СП 2023 откако во вечерашниот прв натпревар од двомечот со Романија противникот беше целосно надигран и совладан со убедливи 30-22. Избраниците на Кире Лазаров доминираа од почеток до крај, а убедливата победа ја осигураа со фуриозно издание во последните десет минути, во кои бодрени од навивачите во преполната сала „Борис Трајковски“ ги демолираа противникот. Филип Талески го одигра најдобриот меч во репрезентативната кариера, а одлична помош имаше и Кузмановски, како и од капитенот Лазаров.

Почетокот беше апсолутно фуриозен, Талески го реализираше првиот напад на натпреварот, веднаш потоа Кузмановски даде двагола за помалку од 20 секунди, па Македонија за нецели две минути веќе имаше предност од 3-0. Одличниот старт донесе и водство од 6-2, но ситуацијата се промени по тајмаутот на Чави Пасквал, Романците лесно наоѓаа лек за одбраната на Македонија, успевајќи и да израмнат на 10-10. Кире Лазаров влезе во игра на половина од полувремето, по што се врати сигурноста во нападот, се изнудуваа пенали и исклучувања од гостите, по што Македонија повторно почна да го контролира резултатот. Митревски бранеше сосема солидно во првото полувреме, а Томовски влезе и одбрани пенал при 14-11, за воодушевување на исполнетите трибини на СЦ „Борис Трајковски“. На полувреме се замина со водство на Македонија од 16-13, а Романците останаа и без својот најдобар ракометар, левиот бек Ракотеа, кој заслужено доби црвен картон откако при последниот шут во првото полувреме стрелаше директно во лицето на Никола Маркоски.

Второто полувреме почна слично како и првото, со подобра игра на македонските ракометари. Романците се обидоа и со „седум на шест“, но ваквата тактика не вроди со преголем плод, па „црвено-жолтите“ со голот од половина терен на Филип Кузмановски стигнаа до најубедливи „плус пет“ (19-14). Митревски одбрани зицер во ситуација со играч помалку, но сепак до крајот на тие две минути имавме два нереализирани напади, по што Романците со голови од својата половина намалија на 19-16. Серијата на противникот беше запрена со фантастичен цепелин на Лазаров до Талески (20-17), за Талески веќе во следниот напад да стрела прецизно од својата половина во празната мрежа за 21-17 за Македонија. Сепак, во наредните минути следеше нова криза во играта на нашата репрезентација, по што при резултат 21-19 беше побаран и првиот тајмаут во второто полувреме.

Дирекот беше сојузник на Романците, во наредните два напади рамката од голот ја погодија Георгиевски и Стоилов, пред Талески со својот осми гол да ја врати предноста на „плус два“ (22-20). Георгиевски погоди по украдена топка, Талески испрати нов прецизен проектил, па при водство на Македонија од 24-20 гостинскиот селектор беше принуден да земе нов тајмаут. Одбраната беше на висина на задачата, што овозможи со ефикасен  напад на спротивната страна преку Стоилов да поведеме и со шест гола предност (27-21). Гостите беа во шок, а нашите ракометари го искористија тоа и со нови атракции стигнаа и до „плус осум“ (29-21) со цепелинот на Филип Кузмановски.

Миркуловски погоди за најубедливи 30-21, по што до крајот Романците постигнаа еден гол, за овој натпревар да заврши со убедливи осум погодоци предност за Македонија, откако Цветан Кузманоски не реализираше зицер во последните секунди од натпреварот.

Филип Талески беше најдобар поединец на натпреварот со десет погодоци, а по седум пати прецизни беа Кузмановски и Кире Лазаров.

Македонските ракометари веќе утре патуваат за Букурешт, каде в сабота со почеток во 17 часот ќе го одиграат вториот дуел од овој двомеч.

Се вчитува...