Ракометна пародија: Ф4 во Келн на крајот на декември!

ЕХФ ја шокираше спортската јавност со одлуката завршниот турнир од Лигата на шампионите за оваа натпреварувачка сезона да се игра на крајот од годинава во Келн. Европската куќа на ракометот денеска објави дека Ф4 турнирот што традиционално се одржува во Келн овојпат е презакажан непосредно пред новогодишните празници, за 28 и 29 декември во „Ланксес Арена“.

Првиот термин од 30 и 31 мај беше одложен по самиот старт на пандемијата од коронавирус, по што Ф4 турнирот беше презакажан за 22 и 23 август. Сепак, откако германската влада ги откажа сите масовни собири до почетокот од месец септември стана јасно дека е невозможно одржување на овој настан со присуство на публика. Иако многумина очекуваа откажување на сезоната, претседателот Видерер и неговите најблиски соработници објавија дека сезоната мора да заврши, макар тоа било среде новата сезона 2020/21.

„Нашиот став беше поддржан од клупските претставници на последниот состанок за координација, сите сакавме да се одржи Ф4 турнирот во 2020 година“, изјави Видерер.

Со ова ќе се повлечат низа нерегуларности, ракометари кои настапуваат за своите тимови во 2019/20 да не можат да бидат дел од Ф4 турнирот во Келн ако нивните екипи стигнат до самата завршница од Лигата на шампионите. Во ситуација на сериозна криза ширум Европа, останува да се види дали осминафиналните и четвртфиналните средби ќе се играат во текот на летово, или пак и тие пресметки ќе бидат закажани од почетокот на септември, со што уште повеќе би се нарушила регуларноста на сезоната во која Вардар е бранител на титулата.

„Црвено-црните“ во осминафиналето од ЛШ треба да се сретнат со Пик Сегед, а за термините на овие натпревари ќе се дискутира на следниот состанок на Извршниот Комитет на ЕХФ, закажан за 24 април.

Се вчитува...