Ракометот повторно на мак-сцената: Вардар ја брани круната од Еурофарм Пелистер

Ракометната Супер-лига на Македонија стартува денеска, со една значајна новина, новото проширување на лигата и поделбата на екипите во две групи. Ова практично значи дека дерби-дуели меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе може да проследиме дури со почетокот на плејофот следната пролет, но во секој случај на домашната ракометна сцена се очекуваат бројни интересни дуели, со оглед на израмнетиот квалитет на значаен дел од екипите.

Кога станува збор за борбата за титулата, јасно е дека тука главен збор ќе имаат Вардар и Еурофарм Пелистер, „црвено-црните“ се актуелни шампиони, но имаат и значително послаб ростер во однос на ланската сезона. Битолчани повторно сериозно инвестираа во играчкиот кадар, имаат и нов тренер во Данецот Валтер, но останува да се види колку време ќе му требаат на овој стратег за склопување на коцките со оглед на големиот ремонт во екипата и заминувањето на речиси сите стартери од ланскиот тим.

„Почнуваме нова сезона во домашното првенство и без разлика на се нашата цел е иста, освојување на титулата и купот во Македонија. Тоа што сега нема да играме во европските купови ќе ни овозможи повеќе да се воигруваме и на младите да им даваме поголем ашанса. Сакаме што повеќе млади играчи да бидат дел од првиот тим, а тоа ќе го направиме низ мечевите во првенството. Без разлика на се, никого нема да потценуваме ниту да се однесуваме како фаворити. Важно е да прене Имаме добар тим и ќе сториме се да бидеме конкурентни и да играме добро„ вели тренерот на Вардар, Владо Недановски.

Оваа сезона ќе биде прва за РК Алкалоид во елитното друштво, новиот суперлигаш ќе биде предводен од Кире Лазаров, а меѓу „сино-белите“ не се кријат амбициите најпрвин да се влезе во плејофот, а потоа и да се борат за излез во ракометна Европа. Тимови со слични амбиции има многу, од Пролет, преку Бутел, Охрид, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2… но сето ова е најава за возбудлива сезона преполна со квалитетни натпревари и неизвесен ракомет во салите ширум Македонија.

РАСПОРЕД ЗА 1. КОЛО

ГРУПА А

Сабота: Вардар Н. – Вардар (18.30 часот), Прилеп – Алкалоид (18.30 часот), Бутел – Охрид (19 часот)

Недела: Струга – Куманово (18 часот)

ГРУПА Б

Сабота: Радовиш – Јуниор КВ (18.30 часот)

Понеделник: ГА – Пролет (19.30 часот)

Среда: Еурофарм Пелистер 2 – Тиквеш (16 часот), Еурофарм Пелистер – Скопје (19 часот)

Се вчитува...