Ракометот се враќа, но што е со кошарката?

Паузата без натпревари во ракометната Супер-лига конечно заврши, па од денеска продолжуваат со натпреварување двете групи од елитното друштво, со пресметките скопските ривали КЛ7 и Пролет во СЦ „Борис Трајковски“ и Металург и Работнички во салата „Автокоманда“. Пролет по двете победи на стартот од сезонава речиси два месеци е без официјален натпревар, во меѓувреме и тренерот Матлиески и огромен број од првотимците го победија коронавирусот, па останува да се види во какво светло ќе се претстави овој тим против новиот суперлигаш.

„КЛ7 млад и перспективен тим, состав што од натпревар во натпревар игра се подобро и допрва ќе го покаже своето вистинско лице. За нас најважно е да го наметнеме нашиот стил на игра, да го исполниме договореното. Никако не смее да дојде до потценување, бидејќи против себе имаме противник што ќе знае како да го казни тоа“, порачува стратегот на Тинекс Пролет.

Металург е апсолутен фаворит на дуелот со Работнички, прв за „металурзите“ по заминувањето на тренерот Зоран Кастратовиќ. Улогата на шеф на стручниот штаб ќе му биде повторно доделена на Оливер Димитриоски, кој успешно го водеше тимот во завршницата пред две сезони, кога по триумфот над Вардар се закити и со трофејот во Купот на Македонија.

Ракометот се враќа, но останува да се види што ќе се случува со кошарката на домашната спортска сцена. Минатото коло, кое требаше да се одржи во средата, беше одложено, а огромни се шансите да не бидат одиграни речиси сите натпревари и од новата рунда. Како што е добро познато, МЗТ и Работнички се на турнир на АБА2 на Златибор, но проблем создаваат и новите случаи на коронавирус во Академија ФМП и во Куманово. Вардар, како тим што беше најпогоден од коронавирус, побарал дополнително време за влегување во форма, па во една таква ситуација се очекува викендов да се игра единствено дуелот меѓу Пелистер и МЗТ Скопје 2.

Во ситуација кога кошаркарското првенство почна со огромно задоцнуцање, а згора на тоа се повеќе се собираат неодиграни одложени средби, се поставува прашањето кога истите би можеле да се играат, особено ако се земе во предвид проблемот со незагреаните сали во зимскиот период во речиси сите градови ширум Македонија.

Се вчитува...